ДДСтор меѓу пионерите за е – продажба во Македонија

89

1

Потребата на клиентите за ажурирани, прецизни и навремени податоци за ИТ и хардвер опрема во Македонија се оствари преку успешен проект на компанијата ДДком. Е – продавницата ДДСтор, која ја развиваат повеќе од 10 години, неодамна се најде меѓу финалистите на Pioneers of the Balkans.

Настанот се одржа во рамките на седмото издание на Balkan Venture Forum во соработка со Светската банка. ДДком се најде во финалето во Загреб меѓу компании од регионот каде што само четири беа од Македонија.

“За нас беше големо изненадување што влеговме во финалето, бидејќи првпат учествуваме на ваков настан. Од вкупно 500 апликации во полуфинале влегоа 300 проекти од кои само 50 беа избрани како финалисти“, вели Ивица Јовановски, сопственик на ДДком.

За да се развие и успешно се презентира бизнис идеја потребно е да се вложи многу труд и знаење.

“Учествувавме и на викенд работилница која беше организирана од страна на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот за How to pitch perfect со Реља Дерета, еден од најистакнатите комуниколози на овие простори и официјален тренер на TEDx настаните во Србија. Иако не бевме меѓу победниците во финалето, презадоволни сме од искуството кое го стекнавме. Научивме многу работи, ја искристализиравме бизнис идејата, добивме многу идеи и понуди за проширување и соработка“, вели Јовановски.

ДДКом работи со продажба на хардвер и ИТ опрема од 2006 година. Компанија има склучено договори со речиси сите дистрибутери за ИТ опрема во Македонија.

“Клиентите купуваат од нас зашто ги имаме на понуда и најтешко достапните производи, а доколку некој од производите го носат повеќе дистрибутери за клиентите го набавуваме оној со најниска цена“, објаснуваат од ДДКом.

Како проблем се јавило тоа што ценовниците кои ги добивале од дистрибутерите, најчесто не биле ажурирани и биле во различни формати, па губеле многу време за да ја изнајдат бараната информација за клиентите.

“Така дојдовме до идеја да направиме платформа што ги собира и ги унифицира сите овие податоци и ги презентира во онлајн продавница http://ddstore.mk со редовно ажурирани цени и залихи. Клиентите имаат можност 24/7 да направат нарачка, која ние ја процесираме и ги испорачуваме производите“, додава тој.

ДДСтор е меѓу првите е – продавници во Македонија. Од таму забележуваат дека на почетокот, речиси и немало онлајн нарачки, а клиентите барале да платат во готово и да видат што купуваат.

“Иако на повеќе места е назначено дека немаме физичка продавница и работиме онлајн продажба, постојано има клиенти што доаѓаат директно во нашата канцеларија и очекуваат голем изложбен салон. Се трудиме да ја подигнеме свеста за онлајн купување со тоа што даваме пониски цени и подобри услови за онлајн нарачки. Последниве две години има константен пораст , особено од помладите клиенти, но сепак повеќе од 70% од продажбата е на класичен начин. ДДСтор останува голем ентузијаст дека во следниве години ќе се крене свеста како кај дистрибутерите за интеграција на Б2Б портали со ажурирани податоци и залихи, и кај клиентите за онлајн купување“, вели Јовановски.

Менаџерите велат дека не се соочуваат со директна конкуренција на пазарот, но индиректно се јавуваат дистрибутерите, кои освен физичка продавница имаат и своја онлајн продавница.

“Наша предност е тоа што имаме поголема понуда од дистрибутерите бидејќи тие ги продаваат само брендовите што ги застапуваат. Дополнително, можеме да обезбедиме и пониска цена бидејќи трошоците за менаџирање на бизнисот се мали зашто не инвестираме во залиха, туку испорачуваме директно од магацините на дистрибутерите“, велат од компанијата.

Иако работата на ДДСтор константно оди во нагорна линија, од таму велат дека имаат уште многу работа и инвестиција за да ја достигнат посакуваната цел.

“Моментално сме во фаза на имплементација на нов дизајн и функционалности за подобро корисничко искуство и побрзо доаѓање до бараните производи. Во план се и нови модули за попусти и промоции, како и договори со нови дистрибутери надвор од Македонија со цел да се обезбедат производи што ги нема на нашиот пазар. Доколку го стабилизираме бизнис моделот во Македонија, истиот може да се прошири на други бранши и во други земји“, велат од компанијата.