Делегацијата на германското стопанство одговорила на повеќе од 30 барања во врска со дозволите за движење

19

Забрана за движење нема да ја попречи работата на производните капацитети, како и на компаниите кои вршат транспортни услуги, соопшти Делегацијата на германското стопанство која вчера одговорила на повеќе од 30 барања во врска со дозволите за движење кои се неопходни поради воведениот полициски час.

Делегацијата потсетува дека поради зголемените бројки на заболени лица од корона вирусот, Владата донесе одлука за ограничување на движењето во периодот од 22 часот до 5 часот изутрина, со важност од 10-ти до 22 март 2021 година.

За непречено движење на работниците кои одат на работа во смени, Делегацијата на германското стопанство ги извести своите компании-членки и им ја проследи потребната дозвола за движење. Владата им гарантира на компаниите дека производството нема да биде попречено.

“Само во текот на вчерашниот ден одговоривме на повеќе од 30 барања во врска со дозволите за движење и не радува фактот дека мрежата на германските стопански комори и за време на криза е партнер на кого можете да сметате“, информира директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс.

Одлуката за забрана за движење, додава Мартенс, не важи за патниците кои доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, на кои за време на полицискиот час, како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските билети.

Осврнувајќи се на последните податоци за економската состојба, директорот наведува дека во 13-тиот месец од почетокот на ковид кризата Владата го усвои петтиот пакет мерки во вредност од 160 милиони евра. Во четвртиот квартал од 2020 година, пак, странските директни инвестиции изнесуваа 95 милиони евра, додека за целата календарска 2020 година достигнаа 240 милиони евра.

“Агенцијата за рејтинг Standard & Poor’s повторно ја потврди кредитната способност на Северна Македонија, што укажува на предвидливост во однос на иднината на македонската економија. Во декември 2020 година извозот на стоки се зголемил за 8,2% во однос на претходната година, додека увозот на стоки забележа пораст од 1,4%, што доведе до намалување на трговскиот дефицит за 10,9%. Во 2020 година, извозот, како и увозот на стоки опаднаа за 10% во споредба со 2019 година, што доведе до намалување на трговскиот дефицит за 9,8%“, истакнува Мартенс.

Тој се осврнува и на индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година според кој Северна Македонија постигна вредност од 35 поени и се најде на 111-то место од 180 земји, пренесува МИА.

Фото: Pexels