Деловен пад на еден од најбогатите Словенци: Од 200 милиони евра до борба за опстанок

230

Основачот на Дормео и другите брендови на групацијата Студио Модерна, Санди Чешко, за медиумите во Словенија призна дека има проблеми во компанијата, а доцнат платите и другите обврски на вработените.

Инаку, Чешко е еден од најбогатите Словенци и „крал“ на телевизиската продажба, кој со брендовите Дормео, Делимано и Космодиск успеа да навлезе во речиси секое домаќинство во овој дел на Европа.

“Основачот на Дормео и другите брендови на групацијата Студио Модерна  не сакаше да биде пред камерите. Но, тој во кус телефонски разговор за нашата телевизија призна дека во компанијата има проблеми – дека доцнат платите и другите обврски на работниците. Но, оваа приказна за него не е завршена и до крај ќе работи напорно за опстанок на компанијата“, пишува  24.ur.

Порталот потсетува и дека до пред само една година, Чешко беше рангиран меѓу десетте најбогати Словенци, со имот вреден 200 милиони евра. Кога ќе „појдете“ подлабоко во минатото, Чешко беше уште подобар.

– За само дваесет години, Студио Модерна, почнувајќи од нула, прерасна во компанија со 8.000 вработени, половина милијарда евра приход со работење во дваесет земји – рече Чешко во интервју за Јутарњи лист, во јули 2020 година.

Бизнис филозофија
Идејата на основачите на Студио Модерна е малопродажба на сопствените брендови преку сите можни канали, меѓу кои, барем на почетокот, клучот беше телевизијата. Триесет години по претприемачкиот почеток на Санди Чешко, никој веќе нема дилема дека основачот на Студио Модерна во овој дел од Европа прв сфатил дека не мора да ги нуди своите брендови само во кратки ТВ реклами со високи рекламни цени, туку исто така дека многу подобар ефект може да се постигне преку специјализирани емисии.

Во почетокот на деведесеттите години на минатиот век, Чешко беше еден од пионерите на директното рекламирање и продажба, што и донесе вртоглав раст и пробивање на нови пазари, пишува Јутарњи лист.