Деловната активност во еврозоната на најниско ниво во последните 17 месеци

90

Деловната активност во еврозоната „регресираше“ за прв пат од јануари 2021 година. Бизнисот на компаниите е под влијание на растот на цените и падот на нарачките, покажува истражувањето спроведено меѓу менаџерите за набавки.

Полошиот резултат од очекуваниот во композитниот индекс S&P Global за менаџерите на продажба во еврозоната ги подгрева песимистичките прогнози и ги потврдува предвидувањата на економистите за сè поизвесно влегување во рецесија, пишува Фајненшл тајмс.

Композитниот PMI индекс, кој ја мери активноста на компаниите и во услужните и во производствените сектори во еврозоната, падна од 52 поени во јуни на 49,4 поени во јули, што е најниско ниво во последните 17 месеци. Економистите анкетирани од Ројтерс очекуваа читањето да покаже 51 поен.

Ова е првпат индексот да падне под 50 поени, односно линијата што го дели растот од повлекувањето, од февруари 2021 година, кога компаниите сè уште имаа тешкотии поради рестриктивните мерки поврзани со коронавирусот.

Вредноста на еврото падна за 0,7 отсто во однос на доларот и сега изнесува 1,015 долари. Германските 10-годишни обврзници изгубија 15 базични поени и моментално се на најниско ниво од мај поради очекувањата дека Европската централна банка наскоро ќе престане да ги зголемува каматните стапки.

„Економијата на еврозоната е подготвена да се намали во третиот квартал, земајќи го предвид падот на деловната активност во јули, а прогнозите покажуваат дека ситуацијата ќе биде уште полоша во наредните месеци“, рече Крис Вилијамсон, главен бизнис економист во S&P Global Market Intelligence.