
Се очекува Европската централна банка (ЕЦБ) денеска да ги зголеми клучните каматни стапки за првпат по 2023 година, во услови на остриот пораст на потрошувачките цени низ еврозоната.
Како што пренесе ДПА, Централната банка треба да ја објави својата одлука денеска во 14:15 часот (12:15 GMT). Стапката на депозити, која е важна за штедачите и банките, изнесува 2 проценти од средината на 2025 година.
Шокот со цената на нафтата што произлезе од војната во Иран значително ја поттикна инфлацијата во еврозоната. Во мај, потрошувачките цени беа за 3,2 отсто повисоки во споредба со претходната година, според статистичката агенција Евростат.
Инфлацијата претходно веќе остро порасна до 3 отсто во април. Ова значи дека целта на ЕЦБ, која се стреми кон стапка на инфлација од 2 проценти во еврозоната на среден рок, е значително надмината, а притисокот врз централната банка се зголемува.
Војната во Иран досега ја зголемуваше инфлацијата првенствено преку цените на нафтата и предизвика брз раст на трошоците за енергија, но растат и цените на услугите. Економистите стравуваат дека цените растат генерално, бидејќи фирмите ги префрлаат зголемените трошоци за енергија и транспорт врз купувачите.
За споредба, инфлацијата во еврозоната во февруари изнесуваше 1,9 проценти.
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, повеќе пати нагласи дека централната банка е подготвена да дејствува доколку е потребно.
Повисоките каматни стапки на ЕЦБ би го направиле задолжувањето поскапо за потрошувачите и бизнисите, што би можело да ја ограничи побарувачката и да ја ублажи инфлацијата.
Во исто време, повисоките каматни стапки би биле товар за слабата економија на еврозоната, која страда од последиците од војната во Иран и неочекувано забележа пад во првиот квартал.
Аналитичари
Аналитичарите очекуваат Управниот совет на ЕЦБ да ја зголеми клучната каматна стапка за депозити за 0,25 процентни поени, од два на 2,25 проценти, во четврток.
– Сè освен зголемување на каматната стапка на состанокот на ЕЦБ би било големо изненадување – рече економистот на ING, Карстен Брзески.
Главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн, веќе сигнализираше дека прогнозите за инфлацијата ќе бидат ревидирани.
Ова би било првото зголемување од септември 2023 година, кога ЕЦБ одговори на инфлацијата предизвикана од руската интервенција во Украина.
Сепак, некои економисти предупредуваат дека растот на каматните стапки би можел дополнително да го забави слабиот економски раст на Еврозоната, која забележа пад од 0,2 проценти во првиот квартал.
Можно е уште едно зголемување во јули
Главниот економист на Алијанц, Лудовик Субран, оцени дека потегот на ЕЦБ е обид да се испрати порака за контрола на инфлацијата, но дека зголемувањето не е потребно.
Повеќето аналитичари веруваат дека циклусот на зголемување ќе биде краток, со можност за уште едно зголемување на каматните стапки во јули, додека ефектите од повисоките цени на енергијата врз инфлацијата треба да останат ограничени.











