Денови на кочанскиот ориз 2015

21

Со изложба на дела изработени од ориз и со концерт на КУД “Мирче Ацев“ од Скопје денеска во Кочани започнува стопанско културната манифестација “Денови на кочанскиот ориз“ на која се најавени повеќе содржини од книжевната, ликовната и фолклорната уметност, пишува Миа.

“По 24-ти пат на манифестацијата ќе го славиме оризот симболот на кочанскиот крај. Содржините се разновидни, богати и содржајни. Во меѓународниот дел од манифестацијата ќе учествуваат претставници од збратимените градови со Кочани, Крижевци Хрватска, Сигентсетмиклош Унгарија, Китила Романија, Хмељницки од Украина, како и фолклорни групи од Полска,Турција, Романија. Хрватска, Босна,  Црна Гора и Македонија“, рече градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.

Традиционалната жетва на ориз со срп ќе се реализира на оризова нива во кочанското село Прибачево, каде што ќе биде прогласен и најдобриот индивидуален земјоделски производител.

Во рамки на манифестацијата ќе биде промовирана и книга за оризот, а ќе се реализира и традиционалната манифестација “Оризова бела вечер“ со настап на Елена Ристевска и кочански музички бендови. Буџетот на манифестацијата изнесува милион денари, обезбедени од општина Кочани.