Пелагониските пчелари денес се собраа на плоштадот Магнолија во Битола на 16-тата по ред манифестација Денови на македонското пчеларство.
На манифестацијата присуствуваа градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски.
“Продолжува поддршката на Владата за производителите кои имаат над 35 пчелни семејства, а следната година за поддршка на македонските пчелари во буџетот се планирани околу два милиони евра. Заклучно со август минатата година имавме извоз од околу 600 илјади евра“, рече Коњановски.
Во рамките на манифестацијата Денови на македонското пчеларство ќе се одржат стручни средби и трибини посветени на предностите и проблемите со кои се соочуваат македонските пчелари.
“Органскиот мед зема се поголем замав во пелагонискиот регион, а повеќе во повисоките предели на Пелагонија. Од граѓаните е многу баран што покажува дека расте свеста кај нив за конзумирање на здрава храна”, изјави Пеце Чавдаровски, претседател на Здружение на пчелари Нектар.
Според евиденцијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во Македонија има околу 4.400 пчеларници со повеќе од 183 илјади пчелни семејства.
“Знам дека максимално се трудат да произведат здрав мед. Претпоставувам дека им треба помош во делот на кампањата за што поголема употреба на медот во семејствата”, рече градоначалникот на Битола Владимир Талески.
Презентацијата на мед и производи од мед во Битола ќе трае четири дена.