Денови на женско претприемништво во Сараево – вмрежување на жени претприемачи од регионот

25

sli

Во рамките на повеќегодишната соработка со Проектот на УСАИД за Регионален раст (REG) , а со поддршка на Проектот на УСАИД за Микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија (MSEP)и во соработка со организаторот и домаќин на настанот Здружение на деловни жени во БиХ, ЦЕЕД Македонија организира учество на сите заинтересирани жени претприемачи од Македонија, Србија и Црна Гора на Деновите на женското претприемништво (Days of Women Entrepreneurship). Дводневниот настан ќе се одржи во Сараево на 24-ти и 25-ти мај 2017 година, во хотел Терме во Илиџа, Сараево.

Настанот ќе биде можност за размена на деловни контакти, информации и искуства помеѓу жените претприемачи од регионот и пошироко, но и можност за дискусија на некои клучни прашања што ги засегаат жените претприемачи во регионот, како пристап до финансии, достапна едукација и постоечка легислатива, што е она што постои како поддршка во регионот, а што недостасува.

Во рамките на настанот ќе се одржат и Б2Б средби помеѓу присутните компании од Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, но исто така и од Турција, Хрватска и од други земји од Европа. Овие средби ќе овозможат воспоставување на нови деловни контакти и потенцијални партнерства меѓу присутните компании.

За учество на заинтересираните жени претприемачи од Македонија, Србија и Црна Гора, ЦЕЕД Македонија организира превоз на околу 20 претприемачи од секоја од овие земји, за што трошоците ќе ги покријат проектите REG и MSEP. Патувањето од Скопје до Сараево ќе биде на 23-ти мај, а враќањето на 26-ти мај. Трошоците за учество на самиот настан се покриени од страна на организаторот, поради што учесниците не плаќаат котизација за учество. Сместувањето за време на настанот (во траење од 3 ноќевања, доколку се користи обезбедениот превоз) е на трошок на самите учеснички.

Сите заинтересирани жени претприемачи може да се пријават со испраќање на имејл на atrpovska@ceed-macedonia.org и тоа најдоцна до 15-ти мај 2017-та година. За повеќе информации и детали околу содржината на настанот, контактирајте ја Ана Трповска на 02/3079-611.