Неколку модни дизајнерски студија во светот креираат дигитална облека, што всушност не постои и не може да се носи физички. Нивната цел е, како што велат, корисниците кои ќе се одлучат да купат едно вакво парче, да можат да изгледаат онака како што сакаат во одреден онлајн момент.
Извршниот директор на компанијата Quantstamp, Ричард Ма, е еден од клиентите кои размислуваат дека купувањето на дигитално парче облека е одлична инвестиција. Така тој на својата жена ѝ купил фустан што не постои, за 9.500 долари. Ма верува дека наскоро сите “ќе носат“ дигитална облека, пишува BBC.
Модната куќа што стои зад дизајнот на фустанот е The Fabricant, а за да го изработи користела фотографија од жената на Ма. Целта на ваквата облека е истата да се користи на социјалните медиуми или на други онлајн платформи.
Уште една модна куќа што се занимава со дигитална облека е скандинавската компанија Carlings. Тие минатиот месец “издадоа“ колекција на улична дигитална мода, по цена од 11 долари.
Со тоа што се исклучиво дигитални овие модни куќи можат да дизајнираат што ќе посакаат, да ги надминат и границите на возможното.
Fabricant секој месец прикажува нова колекција дигитални алишта на својата веб страна.
Фото: Fabricant