Десет македонски компании добија Награда за најдобри брзорастечки фирми Газели, јавува Миа.
За најдобри брзорастечки компании Газели во Македонија оваа година се избрани компаниите: Пајдаков, Велекоб транс, Темов, Мултитекс – Битола, Бисера Комерц, Стара фурна, Кожа – Мак, Лајонeс, Иборнет и Унипласт.
Тие ќе добијат финансиска поддршка за опрема во висина од по 10.000 евра, за да можат да го развиваат својот бизнис, да го зголемуваат квалитетот и да вработуваат нови лица.
Целта на наградата, како што истакнуваат од Бизнис конфедерацијата, е да го промовира позитивното и успешно работење и да даде инспирација за натамошно унапредување на работењето кај претпријатијата во Македонија, зголемен број работни места, јакнење на домашната економија преку овој вид стимулирање раст на домашните компании и нивно прераснување во средни компании.
Националната награда за најдобри брзорастечки фирми Газели е поддржана од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија, во рамките на Оперативниот план за програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2016 година.
Проектен партнер за оваа активност е Бизнис конфедерација на Македонија и Холандската програма за поддршка на работодавачите.
Националната награда се доделува прва година, а во овој период македонските претпријатија пријавиле 33 апликации.
Апликациите, додаваат од Конфедерацијата, ги евалуира стручна жири комисија составена од претставници на институциите кои се вклучени во процесот и претставници од стопанството.