Десетте најбогати луѓе во светот во пандемијата го удвоија своето богатство

123

Пандемијата ги направи најбогатите уште побогати, а доведе до уште повеќе луѓе да живеат во сиромаштија, покажа анализата на британската организација Оксфам.

Нивниот извештај за глобална нееднаквост покажува дека пониските примања за најсиромашните во светот доведуваат до 21.000 смртни случаи секој ден, пренесе Би-Би-Си.

Истовремено 10-те најбогати луѓе во светот го удвоиле своето богатство по март 2020 година, велат од организацијата.

Оксфам традиционално го објавува овој извештај на почетокот на Светскиот економски форум кој се одржува во Давос, на кој политичари, бизнис лидери, славни личности, економисти и новинари се собираат во швајцарскиот скијачки центар. Сепак втора година по ред овој форум ќе се одржи онлајн поради новата Омикрон варијанта на коронавирусот.

 „Оваа година, она што се случува е надвор од сите норми. Скоро секој ден се создаваат нови милијардери во пандемијата, додека 99% од светската популација живее полошо поради карантините, пониската меѓународна трговија, помалку туризам и како резултат на тоа 160 милиони луѓе се турнати во сиромаштија. Нешто е длабоко фалично со нашиот економски систем“, вели Дени Срискандараја, извршниот директор на Оксфам.

Според бројките на Форбс, кои се наведуваат во извештајот, најбогатите 10 луѓе на светот се: Илон Маск, Џеф Безос, Берно Арно и семејството, Бил Гејтс, Лери Елисон, Лери Пејџ, Сергеј Брин, Марк Закерберјг, Стив Балмер и Ворен Бафет.

Нивното колективно богатство пораснало од 700 милијарди на 1,5 билиони. Меѓу нив постојат големи варијации – на пример додека богатството на Гејтс пораснало за „само“ 30%, она на Маск се подигнало за повеќе од 1000%.

Извештајот на Оксфам се базира на податоците од Форбс и годишниот извештај за глобалното богатство на Кредит Свис, кој дава податоци за глобалната дистрибуција на богатството уште од 2000 година.

Во извештајот на Оксфам исто така се посочува дека пандемијата принудила земјите во развој да ги скратат социјалните буџетски трошења додека нивниот јавен долг растел. Потоа се истакнува и дека има уназадување во родовата еднаквост, откако 13 милиони помалку жени работат во споредба со 2019, а преку 20 милиони девојчиња се во ризик никогаш да не се вратат во училиште. Дополнително се наведува и дека етнички малцинските групи биле најпогодени од Ковид.

„Дури и во глобална криза нашите нефер економски системи успеваат да остварат фантастични добивки за најбогатитите, но не успеваат да ги заштитат најсиромашните“, додава Срискандараја.