Десетте најголеми производители на храна загадуваат повеќе од цела Скандинавија

25

klimatski promeni hrana

Климатските промени претставуваат голем ризик, но и предизвик за справување со последиците што ги оставаат. Со таков предизвик се соочуваат производителите на храна и пијалоци, бидејќи екстремните временски услови значат глад.

Но, анализата на Oxfam под името Standing on the Sidelines, зборува за другата страна од предизвикот, односно за тоа дека некои од најпознатите светски брендови од оваа индустрија “не прават доволно“ за заштита на животната средина.

Во истражувањето на Oxfam се вклучени Associated British Foods, Coca Cola, Danone, General Mills, Keloogg, Mars, Mondelez International, Nestlѐ, PepsiCo и Unilever. Според анализите, тие годишно емитуваат над 263 милиони тони штетни гасови, што е повеќе од емисијата на земјите од Скандинавија – Шведска, Данска, Финска, Норвешка и Исланд.

“Доколку овие 10 компании ги анализираме како единствена земја, тогаш ќе беа 25-тата земја загадувач во светот“, стои во анализата на Oxfam.

Подолу се истакнува дека овие огромни корпорации не направија доволно за да го искористат своето искуство, позиција и моќ за да ја намалат емисијата на штетни гасови, но она што е полошо е дека не успеаја да се трасформираат за да покажат поголема грижа за животната средина. Овие десет големи производители би можеле до 2020-та година да ја намалат емисијата за 80 милиони тони со преземање конкретни мерки.

Според проценките на анализата, климатските промени влијаат на зголемување и ширење на сиромаштијата и гладот, што до 2050-та година може да резултира со 25 милиони гладни дечиња до пет години и повеќе од 50 милиони лица ширум светот.

Организацијата Oxfam е меѓународна мрежа на хуманитарни организации кои се борат против гладот и нееднаквоста во светот.