Девет стартапи добија признанија од Фондот за иновации и технолошки развој

27

fond-za-inovacii-i-tehnoloski-razvoj

На првите девет старт – ап компании, што успешно ги завршија проектите поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој им беа доделени признанија, јавува Миа.

Признанија добија Дарис инженеринг ДООЕЛ, ДПТУ Хас инженеринг ДОО, ДТК Смарт – Тек ДОО, Кликион технологии ДОО, Ебизнис ДООЕЛ, Прајм Аппс ДОО, Вејпр апликации ДООЕЛ, Марси електросистеми ДООЕЛ и Есенсо ДОО.

Директорката на Фондот за иновации и технолошки развој, Јасмина Поповска во обраќањето рече дека веќе четврта година спроведуваат активности за поголема конкурентност на македонските претпријатија преку воведување иновации. Досега се поддржани 37 компании со вкупен износ од 1,5 милиони евра, но обезбедена е дополнителна поддршка за јакнење на нивните капацитети за иновациски менаџмент, извоз и дополнителни можности за финансирање.

Согласно Среднорочната програма за работа во наредните три години, предвидена е уште поголема динамика за финансирање на компаниите во оваа област, меѓутоа и поголеми средства за доделување. Предвидено е формирање Фонд за еквити инвестиции, а до крајот на 2019 година преку него да распределат околу 30 милиони евра.

“Ова ќе подразбира многу поголема инвестиција од она што досега сме го работеле со овој пилот проект заедно со Светска банка. Во наредниот период ќе посветиме внимание овие моментални инструменти да станат достапни и за оние претпријатија кои во моментов не можат да аплицираат поради тоа што не ги исполнуваат условите во смисла на големина на компанија, меѓутоа и оние научно-истражувачки институции кои работат со микро малите претпријатија кои моментално се опфатени со дел од инструментите ќе имаат можност директно да аплицираат до Фондот“, рече Поповска.

За годинава веќе се предвидени поголеми средства од минатата година односно планираат да доделат 3,7 милиони евра.

Првиот повик за оваа година ќе биде објавен до петти февруари и преку него планираме да поддржиме 15 стартапи и 10 микро, мали и средни претпријатија кои ќе достават проект за комерцијализација на иновации. Вкупниот буџет за овој повик ќе изнесува 1.450.000 евра.