На крајот на јуни оваа година, официјалните девизни резерви изнесуваат 4.031.100.000 евра и во однос на претходниот месец бележат зголемување за 11,3 милиони евра, покажуваат податоците на Народна банка.
Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (71,2%) по што следуваат валутите и депозитите (20,6%) и монетарното злато (8,1%).
Хартиите од вредност, на крајот на јуни имаа салдо од 2.870.180.000 евра, додека еден месец претходно беа на ниво од 3.038.520.000 евра.
Валутите и депозитите на крајот на јуни изнесуваа 831.830.000 евра, додека на крајот на мај имаа вредност од 634,5 милиони евра.
Државното монетарно злато, заклучно крајот на јуни, достигна ниво од 327.550.000 евра, додека еден месец претходно вредеше 345.260.000 евра.
Девизните резерви се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс и/или за други цели. Останатите девизни средства се составени од девизните средства на централната банка коишто не ги исполнуваат основните критериуми за нивно вклучување во девизните резерви.
Фото: Pexels