Диаверум: Инвестиции, едукација и примена на современа медицинска пракса во третман на бубрежно болни лица 

158

Инвестиции во дополнително унапредување на медицинската услуга, едукација на стручен персонал и на пациентите и примена на најсовремената медицинска пракса во областа на третманот на бубрежно болните лица, е главниот фокус на шведската компанија Диаверум по нејзиниот влез во земјава, стои во соопштението.

Како водечки давател на здравствени услуги за третман на бубрежно болни лица, во 20 земји на неколку континенти, Диаверум своето големо искуство го пренесува и во македонскиот здравствен систем.

“Нашата мисија е на секој наш пациент да му овозможиме здравствена грижа која ќе го подобри квалитетот на неговиот живот. Среќни сме што и на пациентите овде ќе им понудиме врвна услуга, а преку соработка со надлежните институции ќе создадеме одлична можност за размена на знаења и искуства во повеќе области со што ќе бидеме активен партнер во напорите на институциите за натамошно осовременување на здравствените услуги“, изјави Димитри Мулавасилис, главен извршен директор на Диаверум, по повод Светскиот ден на бубрегот, 14-ти март.

Диаверум започна со своите инвестиции во земјата во октомври минатата година, преземајќи ја компанијата која управува со девет центри за дијализа во Скопје и источниот дел на земјата и во моментов се грижи за повеќе од 670 пациенти со хронична бубрежна болест. Одлуката за влез во македонското здравство, Диаверум ја донесе по неколкугодишна темелна анализа на сите аспекти поврзани со функционирањето на системот за дијализа во земјава, како и на потребите на пациентите.

Мрежата на Диаверум ја сочинуваат најсовремени центри и клиники за третман на бубрезите во 19 земји во Европа, Америка и Азија. Седиштето на компанијата е во Шведска, каде пред повеќе од две децении била отворена првата клиника.

“Шведскиот здравствен систем е организиран на начин кој овозможува здравствените услуги да бидат достапни за сите, согласно најсовремените медицински протоколи. Македонскиот здравствен систем го има истиот приоритет. Токму тоа е и дополнителен мотив со заедничко споделување на искуствата и интензивирање на соработката да се придонесе кон подобрување на овој сектор во интерес на сите граѓани. Инвестицијата на Диаверум во земјата е одличен чекор во таа насока“, истакна амбасадорот на Шведска во земјата, Матс Стафансон.

Во мрежата на Диаверум ширум светот работат над 11.000 вработени кои се грижат за здравјето на над 35.000 лица со бубрежни заболувања, за кои се обезбедува целосна здавствена услуга, почнувајќи од превентивната нега, хемодијализата, домашна нега, па сѐ до трансплантација.

“Во изминатиот период, воопшто со воведување на концесионерството, направено е значајно подобрување на условите во центрите за дијализа, се користат нови машини, пациентите добиваат квалитетна дијализа во своето место на живеење и за нив се грижи едуциран и стручен персонал. Но, тука не смее да се запре и токму во тој дел се нашите очекувања од еден кредибилен и искусен оператор каков што е Диаверум, да воведе и дополнителни процедури и услуги освен дијализата. Ние сме охрабрени од нивниот влез во македонскиот здравствен систем и уверени сме дека преку нив во земјата ќе влезат најсовремените европски и светски стандарди и приктики во третманот на пациентите со бубрежни заболувања. Нашите очекувања за во иднина се пациентите да може своите дијализни третмани да ги вршат и надвор од државата во мрежата на центри на Диаверум, со што ќе се овоможи нивно слободно движење и патување“, вели Душко Ѓоргиев, претседател на здружението на бубрежно болни Нефрон.