Mинистрите за земјоделство на Република Македонија и Руската Федерација Љупчо Димовски и Николај Фјодоров вчера во Москва одржаа средба во пресрет на меѓувладината македонско – руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка.
Според соопштенито на Министерство за земјоделство, разгледани се прашањата за унапредување на соработката во делот на зголемување на извоз на овошје и зеленчук на рускиот пазар, како и на обемот на руските инвестиции во капацитети за откуп и преработка на овошје и зеленчук.
“Посебен акцент се стави на прашањата околу надминување на административните процедури за непречен пласман на македонско јагнешко месо и млечни производи на рускиот пазар. Во таа смисла, најавена е посета на руски експерти од Ветеринарната управа на Руската Федерација за контрола на стандардите на кланичките капацитети со што би се започнало со процедурите за издавање на сертификати за непречен увоз на македонско јагнешко месо на територијата на Руската Федерација”, се вели во соопштението.
Димовски и Фјодоров го иницирале предлогот за одржување на првиот состанок на работните групи во Комитетот за земјоделство пред одржувањето на Седмата меѓувладина македонско – руска комисја за трговско-економска и научно-техничка соработка седница која ќе се оддржи во Скопје, на 24 и 25 октомври.
Руската страна ја истакнала подготвеноста за конкретизирање на соработката преку реализација на иницираните предлози особено во делот на зајакнување на директните контакти меѓу македонските и руските стопанственици и изразила подготвеност за разгледување на иницијативата за олеснета трговска размена на земјоделски производи и тоа овошје и зеленчук од Македонија на рускиот пазар, а риба, производи од риба, житарки и сончогледово масло од Русија, на македонскиот пазар.
“Во функција на практична реализација на потпишаниот Меморандум за зајакнување на соработката во областа на земјоделството од минатата година, беше договорено одржување на континуиран дијалог на работните групи со што ќе се создадат услови за реализација на првата официјална посета на министерот Фјодоров на Република Македонија во текот на идната година – во која прилика преку соработката во областа на земјоделството соодветно ќе се придонесе за одбележувањето на дваесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација”, се вели во соопштението.