Димовски: Откупот на грозјето се одвива во најдобар ред

57

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски при денешната посета на Кавадарци истакна дека досега нема пријави за проблеми при откупот на грозјето, ниту од производителите, ниту пак од преработувачите на грозје.

Министерот ова го изјави при посета на еден откупен пункт за грозје и на лице место се увери дека годинашниов гроздобер поминува без никакви проблеми.

“Можам да кажам дека смедеревката е многу барана годинава, се почитува договорената основна цена од 11 денари за килограм, а согласно на шеќерните единици цената оди нагоре. Иако можно е да се очекува грозјето од оваа сорта да постигнува и поголеми цени”, нагласи Димовски.

Тој изјави дека редовно контактираат, како со производителите, така и со преработувачите на грозје и го нагласи зголемениот извоз на вино.

“Во некои од минатите години винарските визби имаа залихи, но сега целото вино е извезено. Уште во првата половина на февруари целата бесцаринска квота за извоз на вино во Европската унија беше исполнета. Зголемениот извоз ја покачи вредноста на виното од Македонија од 18 на 40 евро центи за литар, па дури и повеќе за некои поквалитетни сорти”, рече министерот.

Димовски посочи дека сите позитивни трендови во лозаро-винарството придонесуваат годинава да има помал извоз на грозје од Македонија. Извезени се околу четири милиони килограми грозје или околу 40% од количините извезени во истиот период лани.

“Со тоа се заштитува домашното призводство на вино, бидејќи ако се извезува македонско грозје од тоа грозје другите ќе направат вино кое ќе му конкурира на македонското. Значи покажавме дека со заедничка стратегија на сите страни се постигнува круна во заедничкото работење”, истакна Димовски.

Според него подобро е македонското грозје да заврши во домашните винарски визби. За дополнителната мерка од два денара по килограм грозје продадено во домашна винарија ќе се разговара во наредниот период.

Тој прецизира дека склучените договори за извоз во Русија каде извозот на земјоделски производи бележи пораст за 180% се реализираат со четири винарии, поради што, очекува да биде интензивиран извозот на вино на рускиот пазар