Дипломатскиот кор и Попоски дегустираа вино во Тиквеш

25

Диплиоматскиот кор во Македонија, заедно со министерот за надворешни работи Никола Поповски вчера во рамки на економската дипломатија на Македонија имаа можност директно да се запознаат со производните капацитети и да дегустираат вино од најголемата винарија на Балканот, Тиквеш.

„Се обидуваме да ги привлечеме дипломатите во земјава што е можно повеќе да ги откриваат можностите на Македонија. Винскиот сектор е еден од поклучните наши извозни аргументи и се обидуваме да направиме негова промоција. Воедно користиме можност да презентираме различни делови од државата, оти имаме многу што да понудиме и надвор од главниот град“, рече Поповски и се осврна на историјата на винарството и лозарството во Македонија, нагласувајќи дека според Светската организација за храна и земјоделство(ФАО) нашата држава го зазема 22 место во производство на вино. Министерството за надворешни работи посветува големо внимание и во делот на економската дипломатија, со цел промовирање на македонските економски потенцијали во други земји.

Директорот на Тиквеш, Игор Илиевски рече дека ќе му биде посебно мило ако остварените контакти резултираат и со успешна економска соработка и извоз на вино. Според него ваквата презентација била само дополнување на тоа што што го работи самата Винарија.

„Повеќе од 50% од нашите приходи доаѓаат од извоз, кој е целосно флаширан. Имаме брендиран производ и според последните објавени податоци спаѓаме во една од ретките компании која има двоцифрен раст на приходите од извоз. Извезуваме во преку 20 земји, но ова го гледаме како дополнителна можност за прзентирање и етаблирање на македонско брендирано вино“ рече Илиевски.

„Се повеќе кинески компании се заинтересирани за купување македонско вино. Сега малку се грижам дали македонското вино кое влегува на кинескиот пазар ќе биде доволно. Како амбасадор во Македонија ќе направам се што е во моја моќ македонските вина да ги има во Кина што повеќе“, рече амбасадорот на НР Кина Суи Џивеи, кој беше импресиониран од квалитетното вино во Тиквеш.