Јазот меѓу работниците и оние на највисоките позиции во компаниите е поголем од било кога. Причина за тоа е што во текот на пандемијата оние од “дното“ најчесто губеле, а оние на “врвот“ добивале уште повеќе.
Истражување што опфаќа 200 раководители на јавни компании, коешто за New York Times го спровела консултантска компанија, покажува кои се највисоките плати, но и изразениот јаз меѓу платите на извршните директори и останатите вработени во време на пандемија.
Александер Карп, главен извршен директор на компанијата Palantir, којашто се занимава со експлоатација на податоци, којшто повеќе од половина од своите приходи ги оствари преку државни договори, е најплатен директор со заработка од 1,1 милијарда долари.
DoorDash, компанија што се занимава со достава на храна, чиј бизис доживеа бум за време на пандемијата, на својот главен извршен директор, Тони Кси, му исплатила годишна плата од 414 милиони долари. Со ова, тој е втор најплатен директор.
На трето место, со заработка од 370 милиони долари, бил Ерик Ву, од компанијата Opendoor, којашто е дигитална платформа за продажба на недвижнини и минатата година за првпат се котираше на берза.
Врз основа на податоците, истражувањето покажало дека само 13 жени извршни директори се нашле меѓу првите 200 најплатени. Најдобро е пласирана Лиса Су, извршна директорка на компанија Advanced Micro Devices, којашто се занимава со производство на компјутерски чипови. Нејзината годишна плата од 40 милиони долари ја прави 40-та најплатена извршна директорка.
Истражувањето покажува дека извршните директори примиле 274 пати повисока плата од своите вработени, што е 10-тина пати повеќе во споредба со претходната година, кога износот на нивната заработка беше “само“ 245 пати поголем од оној на вработените. Исто така, видлива разлика има во зголемување на платата, така што на директорите им се зголемиле за 14,1% во споредба со 2019 година, а на работниците за само 1,9%.
Многу корпоративни директори се залагаат за плата по учинок, што ги доведува во позиција во којашто може да го наплатат својот труд и по неколку пати повисока цена од реалната.
Еден од примерите за тоа е Брајан Чешки, извршен директор на Airbnb, кој добил награда од 120 милиони долари, со што е осми најплатен директор. Но, сепак најавил дека целиот износ ќе го донира.
Фото: Pexels











