Директорите за 29 часа заработуваат повеќе отколку што заработува работникот за една година

На извршните директори на најголемите британски компании кои се дел од индексот на лондонската берза FTSE 100 им требаат само 29 часа работа за да заработат повеќе од своите вработени за една година, покажува истражувањето од Центарот за високи плати (High Pay Centre).

Просечната плата на извршните директори на компаниите FTSE 100 е 4,22 милиони фунти (околу пет милиони евра), што е 113 пати поголема од просечната плата на редовен работник, која е 37.430 фунти (околу 45.000 евра), пренесува Гардијан.

Доколку директорите почнале со работа веднаш по новогодишните празници во Британија, веќе успеале да ја заработат целата просечна годишна плата на своите вработени по само 29 часа работа, додава британскиот весник.

Платите на извршните директори во Велика Британија се зголемија за 2,5 отсто во 2024 година, додека платите на работниците се зголемија за седум отсто, но јазот во платите останува огромен, покажува истражувањето.

Годишната студија има за цел да го истакне огромниот јаз во платите меѓу шефовите и нивниот персонал, кој значително се зголеми во текот на изминатите неколку децении.