Потребно е да се преземат решителни чекори за решавање на проблемот со големите долгови на некои земји, изјави шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева и ги повика доверителите и должниците под итно да почнат разговори за реструктуирање на долгот.
Според Георгиева, одлуката на членките на Г-20 да ја продолжат суспензијата за отплата на долговите во билатералните договори за нови шест месеци ќе им помогне на сиромашните земји, но посочи дека е потребно уште поенергично дејствување.
“Купуваме малку време, но мора да се соочиме со реалноста дека е потребна многу порешителна акција“, рече Георгиева.
Таа посочи дека да се стори премалку и предоцна, исто така ги чини и должниците, но и доверителите и предупреди дека во 2021 година глобалниот долг ќе достигне 100% од бруто домашниот производ.
Ројтерс наведува дека изјавата на Георгиева доаѓа во време на зголемена загриженост за драстичниот скок на нивото на долг, особено во неразвиените земји и земјите со среден приход, коишто се сериозно погодени од епидемијата на коронавирусот, намалувајќи ги приходите од туризам и во некои случаи и пониските цени на нафтата.
Фото:Facebook











