ДИС Енергија: Нема законски пречки за изградба на хидроцентралата на Мала Река, очекуваме издавање на дозволата за градба

33

Неиздржани се реакциите и противењата за изградба на хидроцентрала на Мала река. По најавите за собирање потписи и организирање локален референдум, концесионерот ДИС Енергија реагира на опструирањата и постојаниот притисок. Компанијата известува дека сите процедури во постапката за добивање дозвола за градба се испочитувани, стои во соопштението на ДИС Енергија.

За изградбата малата хидроцентрала блиску до акумулацијата Градче, на барање на граѓанскиот сектор, ОЈО Кочани покрена случај за преиспитување на регуларноста за издавање согласност за градба кој заврши со позитивно мислење за инвеститорот.

Локалната самоуправа на Кочани ја доставила потребната документација до обвинителството, со цел да се утврди фактичката состојба, по што обвинителството писмено ја известило Општината дека нема законски пропусти и дека инвеститорот постапил соодветно на одредбите. Поради почитување на сите процедури од страна на инвеститорот и отсуството на правни пречки, надлежните се обврзани да издадат градежна дозвола.

Од ДИС Енергија истакнуваат дека за изградбата на мала хидроцентрала под Пониква, покрај позитивното мислење од обвинителството и постапувањето согласно одредбите, компанијата дала најповолна понуда на јавното лицитирање за прибирање понуди и отворила банкарска гаранција во износ од 765.000 денари. На 11-ти април 2018 година, уредно е склучен концесиски договор, а 15 дена подоцна компанијата платила еднократен надоместок за концесија во износ од 689.500 денари.

Во однос на прибирањето на потребните дозволи, ДИС Енергија како концесионер има добиено дозвола за користење на вода, инфраструктурен проект како инвестиционо-техничка документација од страна на Општина Кочани и решение за комуналии. Од компанијата нагласуваат дека со потпишувањето на договор за комуналии, кој е последен документ во постапката пред издавање на одобрение за градба од страна на надлежните, постапката била успешно завршена. ДИС Енергија како инвеститор ги има исполнето сите обврски согласно законите и правните процедури, што ги прави реакциите против изградба целосно неиздржани. Во однос на континуираните опструкции на работата, од компанијата најавуваат дека ќе покренат правни дејства кон засегнатите страни.

Фото: Pixabay