До 10.000 евра за дигитални решенија за справување со Ковид -19

362

Креативни алатки и решенија за онлајн и интерактивни активности или анимација наменети за различни категории на граѓани се предлог проекти со кои може да се аплицира на новиот јавен повик на Фонд за иновации и технолошки развој – Креатон. Повикот се реализира во соработка со Амбасада на Швајцарија во Република Северна Македонија, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, МАСИТ и други партнери/експерти.

“Ги поттикнуваме и практично ќе ги поддржиме сите што сакаат да дадат придонес во полесно надминување на оваа ситуација. Воведувањето, пред се, на дигиталните алатки може реално да им помогне не само на многу граѓани и компании, туку и на многу институции како да станат поефикасни и со помал број на вработени да функционираат еднакво ефикасно“, рече директорот на Фондот, Јован Деспотовски.

Предлог решенијата треба да се имплементираат во кус рок, но треба да бидат применливи и во нормални услови, по прекинот на превентивните мерки поврзани со КОВИД – 19 вирусот, како придонес кон забрзана дигитализација на општеството. Проектите меѓу другото може да опфатат решенија за полесно следење и ажурирање на информациите од властите поврзани со коронавирусот и превентивните мерки, решенија за справување со ширење на лажни вести, дигитални платформи и училници, решенија за квалитетно искористување на слободното време во домот, дигитални книжарници, игри, поврзување и натпревари, учење на странски јазици, квизови, решенија за надзор/консултација на медицински персонал со болни лица.

Деспотовски најави и нов предлог мерки како дополнение на пакетот економски мерки на Владата.

“Ова се вонредни околности кои бараат и вонредни решенија понекогаш и радикални, но мислам дека треба да се обидеме од ова да излеземе посилни. Тоа значи дека треба да предложиме мерки кои не секогаш излегуваат од теорија, да бидеме и малку креативни и да излеземе надвор од кутијата. Да преземеме мерки коишто навистина ќе им помогнат на компаниите не само да ја пребродат кризата, туку да станат и посилни. Тимот на Фондот веќе работи на подготовка на предлог пакет мерки во рамки на нашиот мандат на политики кои ќе бидат доставени до владата. Верувам дека дел ќе бидат прифатени и ќе ни се овозможи да ги имплементираме, бидејќи како што и досега мерките кои ги имплементираме, а не се традиционални веќе даваат резултати, верувам дека и овие ќе дадат резултати“, порача Деспотовски.

Денес објавениот повик е прва од иницијативите на Фондот за справување со последиците од коронавирусот. Вкупниот буџет за предизвикот изнесува 10 милиони денари, со максимален износ по апликација од 10.000 евра во денарска противвредност. Целосниот износ на средства го обезбедува ФИТР. На предизвикот може да учествуваат поединци, групи, организации и компании кои сметаат дека може да дадат креативен придонес во остварување на овие цели.

Во првата фаза треба да се достават само предлог концепти. Евалуацијата на пристигнатите предлог – проекти (концепти) ќе ја врши Комисија за избор составена од претставници на ФИТР, МАСИТ, Амбасада на Швајцарија во Република Северна Македонија, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ и други партнери/експерти. По првата фаза, сите предселектирани идеи ќе имаат рок од 48 часа да изработат детален план на активности и предлог буџет. Апликантите чии предлог проекти (концепти) ќе бидат избрани во фазата на финална селекција ќе имаат обврска да подготват јавна презентација на предлогот пред Комисијата. Јавната презентација на решенијата и евалуацијата ќе се врши онлајн преку видео – конференциска врска. Предлозите ќе се оценуваат според степен на иновативност, рок и механизми за реализација, капацитет на проектниот тим и влијание.

Рокот за аплицирање е од 19.03 до 22.03.2020 година до 23.59 ч

Повеќе информации на www.fitr.mk