До 15 април е осигурено снабдувањето со природен гас, тврди Бектеши

72

До 15 април е осигурено снабдувањето со природен гас во земјава, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, кој не верува дека би имале некаков проблем во делот на топлинската и електричната енергија при евентуална одлука на Руската Федерација да се плаќа природниот гас во рубли од страна на „непријателските држави“.

„Во случај да се донесе таква одлука, сите други алтернативни ресурси на природен гас со кои ќе се снабдува Бугарија, ќе може да ги користиме и ние“, рече Бектеши.

Бектеши рече дека како членка на НАТО и земја која има аспирации за влез во Европската Унија, државата ќе ги почитува сите одлуки што ќе бидат донесени на ниво на Алијансата и од страна на државите членки на ЕУ, но убеден е дека ќе се изнајдат други алтернативи за снабдување со природен гас. На дел од нив, како што посочи, веќе како држава работиме, а тоа се новиот интерконектор со Грција, директното учество во Александропулос и интерконекторот со Бугарија.

Бектеши рече дека утринава разговарал и со гувернерката на Народната банка и дека сè уште нема насока од Европската централна банка бидејќи во нашата курсна листа ја нема рубљата како валута и не може да се прават такви трансакции.

Во однос на лиценцата на БЕГ и дали таа ќе биде одземена по потфрлањето на оваа компанија во екот на грејната сезона, Бектеши рече дека тоа не е надлежност на Министерствто за економија, но доколку по завршување на договорот меѓу ЕСМ и БЕГ, не се исполнуваат условите, тогаш сигурно ќе се постапи според законските прописи.