Над 200 чамци кои се користат на езерата во државава кои не се впишани во регистарот на пловни објекти ќе може да се легализираат до 3 септември годинава.
Ова е овозможено со измените и дополнувањата на Законот за внатрешна пловидба што беа усвоени од страна на Собранието на Република Македонија.
“Станува збор за стари пловни објекти кои долго време се користат, но не биле регистрирани. Со пропишаните законски мерки конечно ќе се овозможи нивно регистрирање што ќе придонесе кон дополнително зголемување на безбедноста во внатрешната пловидба”, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Легализацијата на чамците ќе се врши со поднесување предлог за легализација до надлежниот суд според местото каде што се наоѓа живеалиштето на сопственикот на тој пловен објект. По поднесениот предлог за легализација, судот во рок од три дена ја известува Капетанијата на пристаништа со барање во рок од 24 часа да ја информира јавноста и заинтересираните лица за поднесениот предлог. Доколку во рок од 30 дена не се јави друг сопственик на пловниот објект, ќе се донесе решение за негова легализација, а ако се јави друг сопственик на пловниот објект, тогаш сопствениците ќе бидат упатени на парнична постапка.