До крајот на месецов треба да биде готова новата методологија за потрошувачката кошничка

Најдоцна до крајот на месецов треба да биде готова новата методологија за пресметка на минималните трошоци на едно семејство, најавува министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Тој изјави дека во Министерството за економија и труд  е одржан еден состанок, но дека ќе следуваат уште неколку по што новата методологија ќе биде презентирана на седница на Економско-социјалниот совет. Според Дурмиши, во синдикалната потрошувачка кошничка има производи кои не треба да бидат дел од основната потрошувачка кошничка.

За минималната плата за која во март треба да има усогласување, Дурмиши вели дека таа ќе биде зголемена согласно законот, а доколку синдикатите сакаат друга висина на минималната плата треба да се договорат со работодавачите, а Владата ќе го поддржи тоа решение, но ќе мора да се видат и финансиските импликации.

Во однос на измените на Законот за недела неработен ден, Дурмиши вели дека на одредени дејности треба да им се дозволи да работат во недела, но не целосно да се укине недела како неработен ден.