Словенечкиот трговски ланец Туш соопшти дека ги затвора своите продавници во БиХ, додека од друга страна неговите добавувачи бурно реагираа обвинувајќи го дека им должи милиони евра за испорачаната стока.
Туш заминувањето од БиХ го оправда со тоа дека поплавите што годинава ја зафатија земјата влијаеле на нивното работење и ги обвини добавувачите дека ја блокираат работата, додека од друга страна, добавувачите тврдат дека Туш им должи преку 10 милиони евра.
Добавувачите најавија дека од Обвинителството на БиХ ќе бараат да се позанимава со случајот, а како што пишува Klix.ba, најавуваат и колективна тужба против словенечката компанија. Адвокатот на добавувачите за Klix.ba изјавил дека ќе поднесат кривични пријави против одговорните лица во Туш, но и против самата компанија. Адвокатот ќе му предложи на Обвинителството да им упати повик на сите оштетени фирми да ги пријават своите побарувања.