Осигурување Македонија Скопје Виена Иншуренс Груп минатата 2015 година ја заврши со добивка пред оданочување во износ од над 267 милиони денари, стои во Коментарот на билансот на успех објавен на Македонска берза.
За 2014 година, компанијата оствари добивка пред оданочување во износ од 98,2 милиони денари.
“Бруто полисираната премија во износ од 923,4 милиони денари бележи пораст во однос на претходната година од 6%. Бруто полисираната премија коригирана со движењето во резервата на преносна премија и делот за реосигурување во 2015 година ја чинат заработената премија во износ од 550,5 милиони денари, којашто е за 11% пониска од 2014 година. Заработената премија, приходите од вложување, приходите од други работи на осигурување и останати приходи го чинат вкупниот приход на компанијата во износ од една милијарда денари. Наведените позиции во 2015 во однос на 2014 година не бележат битни движења со исклучок, а останатите односно вонредни приходи во износ од 194 милиони денари“, се вели во Коментарот.
Вкупните расходи во 2015 година во износ од 742,4 милиони денари се помали за 5% во однос на 2014 година. Вкупните расходи, како што се наведува, ги сочинуваат надоместоците за штети, трошоците за спроведување на осигурувањето, трошоците за вложување и друго.
“Бруто исплатените штети како највисока ставка во вкупните расходи во износ од 395,2 милиони денари се за 19% поголеми во однос на 2014 година“, стои подолу во Коментарот.
Основната цел на компанијата во 2016 година е да се зголеми обемот на квалитетни осигуреници што ќе придонесе за, како што се наведува, задржување на трендот на остварување на позитивен финансиски резултат.