Добри приноси од житните култури во Македонија

45

Рекордни приноси од житните култури во Овчеполието и во останатите области во источниот регион се очекуваат оваа година во нашата земја, покажуваат анализите на штипскиот Земјоделски факултет.

Деканот на Земјоделскиот факултет при Универзитетот Гоце Делчев од Штип, Илија Каров, вели дека по обиколката на посевите засадени со жито во Овче Поле и во Кумановскиот регион, очекува приносите на пченицата и јачменот да изнесуваат седум до осум тони по хектар.

Каров смета дека поплавите во соседна Србија ќе влијаат на цената на житните култури, иако, според него, се уште е рано да се пресмета колку ќе изнесува зголемувањето.

“Ние во голема мера како земја сме зависни од увоз, особено на пченица. Најголем дел од пченицата покрај од Република Унгарија и од други држави, увезуваме од Република Србија. Сепак, би требало да се очекува дека во иднина Република Србија ќе настојува да го задржи своето земјоделско производство за свои потреби. Од една страна имаме прекрасни климатски услови за добро и квалитетно производство на житарици. Но сепак, ова сега што се случува е за внимание и јас лично очекувам дека цените би биле значително повисоки, односно Република Македонија мора да размислува од кои држави би можело да се увезе она што недостасува на македонскиот пазар“, вели Каров.

Според земјоделските експерти, заради случувањата во регионот се очекува и поскапување на градинарските производи. Добро е што родот е солиден и се очекува производство на доволно храна за граѓаните во земјава, но и за извоз.