
Акциите на европските берзи би можеле да продолжат да растат и покрај војната на Блискиот Исток, според американската инвестициска банка Голдман Сакс, која ја зголеми целната вредност на паневропскиот индекс STOXX 600 во следните 12 месеци на 660 поени.
Новата проекција подразбира потенцијален пораст од околу 5,4 проценти од последното затворање на индексот од 626 поени, а Голдман Сакс забележува дека заработката на европските компании покажала отпорност и покрај кризата на Блискиот Исток.
Њујоршката банка истовремено ги зголеми тримесечните и шестмесечните прогнози за STOXX 600 на 640 и 645 поени, соодветно, објавува Ројтерс.
Аналитичарите на банката изјавија дека растот на номиналната економија, позитивните ревизии во енергетскиот сектор и стабилните маржи на профит го поддржаа растот на пазарот во Европа, додека оптимизмот поврзан со развојот на вештачката интелигенција дополнително го поттикна купувањето акции.
Според „Голдман Сакс“, растот на заработката по акција на компаниите од индексот STOXX 600 треба да достигне 10 проценти во текот на 2026 година, додека забавување до пет проценти се очекува во 2027 година поради повисоките трошоци за енергија и притисокот врз маржите на профит.
Банката, исто така, наведува дека меѓународните инвеститори инвестираат повеќе на европскиот пазар поради поповолните вреднувања и диверзификација, додека домашните инвеститори се уште се претпазливи поради слабиот економски раст и неизвесноста.









