Добриот часовник е стил, искуство и одраз на карактерот

465
Dragan
Драган Салџиев, бренд менаџер во My Time

“Добриот часовник е стил, искуство и одраз на карактерот на личноста. Животниот стил, однесувањето и изгледот го адаптираме во зависност од улогата во која се наоѓаме. Истото се случува и со часовникот или накитот којшто го носиме”, вели Драган Салџиев, бренд менаџер на My Time.

БИ: Кога започнува приказната на My Time? Како се одвиваше развојот?

Приказната на My Time е всушност хибрид на семејната традиција од 1920 година и она што денес го претставуваат часовниците и накитот во модната индустрија. Сè започнува со мојот прадедо Стефан Салџиев, кој почнал да го изучува занаетот во далечната 1920 година, неговите чекори ги продолжуваат неговиот син Драган и мојот татко Стево.

My Time како ланец на продажни салони е релативно млад, односно постои од 2011 година, но зад него стои сето искуство, знаење и доверба на моето семејство. Одлучивме да создадеме урбан и модерен бренд кој ќе допре не само до традиционалистите, туку и до модно свесните потрошувачи преку кредибилитетот на светски познати имиња и потпора на традицијата. Користиме нови технологии, социјални мрежи, клуб на лојалност, информативен билтен и многу други алатки со цел да излеземе од догмата на индустријата во која се наоѓаме, па дури и околината во која работиме.

Денес, My Time има преку 20 познати светски брендови, шест сопствени продажни салони, е – продавница, како и големопродажна мрежа која ја покрива територијата на Македонија.

My Time - GTC1

БИ: Вие сте млад претприемач и пред вас е предизвикот да ја продолжите традицијата и да напредувате со бизнисот. Како се справувате со сето тоа?

Предизвикот што го носи традицијата алудира на постоечки систем, на ригидни правила, но денешната деловна околина не го познава тоа. Денес, навистина треба да “трчате“ за да одржите статус кво, а за да обезбедите напредок треба да сте вистински “спринтер“. Јас давам сè од себе да ѝ кажам добредојде на секоја промена, впрочем сметам дека промените се главниот фактор на диверзификација од конкуренцијата. Дел од тие промени е креирањето на уникатниот My Time клуб на лојалност (club.mytime.mk), кој има за цел да пружи вистински придобивки исклучиво на оние потрошувачи кои навистина го заслужуваат тоа.

Покрај клубот, во моментот интензивно се работи на целосно редизајнирање на нашата е – продавница со цел да им овозможиме на нашите потрошувачи полесно да дојдат до саканиот производ од омилениот уред. Без разлика дали ќе купат on line или во најблискиот продажен салон, сакаме да пружиме транспарентни податоци за производите, од цена и детали, до достапност по продажен салон во реално време.

My Time - GTC

БИ: Колку сте задоволни од побарувачката? Дали македонскиот купувач знае да препознае квалитет и кои други фактори играат улога при изборот на часовник и накит?

Македонија, како и остатокот од светот, е под силно влијание на глобализацијата. Маркетинг активностите на брендовите си го прават своето и пазарот е подготвен да апсорбира брендирани часовници и накит. Во My Time можете да најдете исклучиво производи од највисок квалитет, а за дополнително да се обезбедиме дека тоа е така, сите часовници се под двегодишна гаранција. На крајот на денот, навистина се работи за субјективна одлука, Вам може да Ви е пресуден дизајнот или брендот, додека мене пак одлуката ми се сведува на функциите на производот.

My Time - Skopje City Mall

БИ: Имате богата палета на производи. Што најмногу се бара и какви брендови на часовници нудите?

Од модни брендови како Guess, Just Cavalli или Esprit, до производители кои се фокусирани исклучиво на часовници како што се Jacques Lemans или Sector, нашето портфолио е навистина широко, но пред сè адаптирано за условите и потребите на нашиот пазар.

Би сакал да ја искористам оваа можност и ексклузивно да го најавам и доаѓањето на најголемата групација на модни часовници и накит, Fossil Group во Македонија. До крајот на 2015, нашите ценети купувачи ќе можат конечно да ги купат брендовите: Fossil, Michael Kors, Armani, DKNY, Diesel и Skagen како дел од портфолиото на My Time.

My Time - Palma Mall Tetovo

БИ: Статусен симбол или потреба на модерното време. Што според вас е добриот часовник?

Веројатно по малку од двете. За мене, добриот часовник е стил, искуство и одраз на карактерот на личноста.

БИ: Колку животниот стил на човекот игра улога при изборот на производот? Дали нудите одредени часовници и накит според профилот на купувачот?

Во секојдневниот живот сите ние преземаме различни улоги, додека сме на работа, кога спортуваме, кога се забавуваме со пријателите. Животниот стил, однесувањето и изгледот ги адаптираме во зависност од улогата во која се наоѓаме. Истото се случува и со часовникот или накитот што го носиме. Едноставно, на секоја пригода ѝ прилега соодветен часовник.

My Time - Gostivar

БИ: Имате продавници во Скопје, Куманово, Тетово и Гостивар. Планирате ли проширување во други градови или можеби надвор од Македонија?

Ние целиме да ги задоволиме потребите на сите потрошувачи во Македонија, а имајќи го тоа на ум секогаш ќе се трудиме да ги доближиме нашите производи до нив. Во нашите планови е утврдено ширење на нашата малопродажна мрежа во Македонија, како и надвор од неа во подолг рок.