Доделена десеттата годишна Национална награда за најдобри општествено одговорни практики

17

dsc_2219

Министерството за економија и Координативното тело за општествена одговорност (КТООП) беа домаќини на десеттата јубилејна традиционална годишна манифестација – Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија, реализирани во текот на последната година, стои во соопштението.

Годинава, пак, по повод јубилејот, покрај востановените награди, беа доделени и јубилејни, како посебно признание за претпријатијата коишто во периодот 2007 – 2017 година се закитиле со најмногу награди, во вид на статуетки и плакети.

На конкурсот на годинешнава награда беа пријавени 34 проекти, од 25 претпријатија, од кои 10 мали и средни претпријатија, кои аплицираа со 10 проекти, а 15 големи претпријатија на конкурсот доставија 24 проекти. Притоа, оваа година за првпат аплицираа осум претпријатија, односно 32% од вкупниот број, што говори дека интересот на фирмите за учество во наградата од година во година се зголемува. А покрај стандардните категории, Однос кон вработените, Етичко управување, Односи на пазарот, Однос кон животната средина  и Вложување во заедницата, и годинава, по трет пат, беше доделено признание за најинвентивна практика.

Општествено одговорните проекти на Адора Инженеринг (Со еко домови 15 години градиме зелени градови во Македонија), Алкалоид (Имплементација на систем за управување со таленти во Алкалоид), Градежен Институт Македонија (ГИМ -Најеколошка компанија), ЕВН Македонија (Изложбен центар Матка), ОКТА (Јас внимавам), Раде Кончар – ТЕП (Холигноза), Рамстор Македонија (ISO 22000:2005), Скопски Легури (Од отпад до производ) и Фармахем (Заедно создаваме подобар свет), годинава се закитија со Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија 2017, во вид на статуетки во петте различни категории.

Плакети, пак, добија проектите на Оне.Вип (Колективен договор на Оне.Вип), Рамстор (Дуќанот е наш), Даути Комерц (Еднакви можности за сите), Орка Холдинг (Нашите вработени – најважниот ресурс на компанијата), ПУ Центар за ран детски развој Бонбончиња Битола (Во Бонбончиња растат одговорни, воспитани и емпатични деца), ЕВН Македонија (Платформа за енергетска ефикасност – Енергетска математика – Нова генерација, како и Да ја заштитиме природата од опасниот отпад), Охридска банка (Осигурување на денарска трансакциска сметка и осигурување на денарски депозит), Пакомак (Зелена планета), Факултет за арт и дизајн при ЕУРМ (Природата нѐ повикува), Шпаркасе банка (Хумантирана акција за поплавените подрачја), ИТД Дистрибуција (Компјутерска соба), Стопанска банка Скопје (Сонуваме. Менуваме) и Адора Инженеринг (Нов дом за безгрижна старост на Трајкови во Дедино).

Признанието за најинвентивна практика го доби претпријатието Скопски Легури, со проектот Од ‘отпад’ до производ.

Во изминатиот 10-годишен период, вкупно 173 македонски претпријатија пријавија 540 добри општествено одговорни практики, од кои наградени беа 252 добри практики од пет различни области на општествената одговорност, од кои 101 со статуетки, а 151 со плакети.

Добитници на јубилејните признанија за најнаградувани компании во групата мали и средни претпријатија се: Раде Кончар – ТЕП, Фармахем, Дониа Прилеп, Пакомак, Дуна Компјутери и Раде Кончар – Сервис, додека кај големите претпријатија со најмногу освоени награди за најдобри општествено одговорни практики во изминативе 10 години се: ЕВН Македонија, Цементарница УСЈЕ, Фени Индустри Кавадарци, Адора Инженеринг и Алкалоид.