Доделена концесија за отстранување на згурата од тешки метали од велешката Топилница

265

veleska topilnica

Компанијата Екоцентар 97 од Скопје ја доби концесијата за отстранување на згурата од тешки метали од работењето на велешката Топилница, пишува Миа. Фирмата беше избрана на повик што го распиша Министерството за економија.

“Конечно по 13 години по затворањето на Топилницата за олово и цинк којашто им го нарушуваше здравјето на велешани, оваа година ќе почне и решавањето на големиот проблем со црниот рид. Како што е познато на јавноста со секој и најмал ветер во јавните површини и домовите на граѓаните на Велес од црниот рид се разнесуваа црни прашинки со тешки метали коишто им го нарушуваа здравјето на велешани“, рече градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.

Тој додаде дека деновиве ќе има средба со раководството на Екоцентар 97 на којашто треба да се договори начинот на којшто тие ќе го решаваат проблемот со експлоатација на згурата од велешката Топилница, односно начинот на транспорт, времетраењето, во кој период од денот и како ќе се транспортираат деловите од згурата.

Концесијата ја добија за 10 години, а од компанијата информирале дека проблемот планираат да го решат за две до три години.

Згурата или попозната во јавноста како Црниот рид во Велес е лоцирана веднаш над Топилницата. На стотина метри од последните станбени згради во Велес е создаден од тридеценското работење на велешката Топилница. Црниот рид е тежок 1,7 милиони тони тешки метали, од кои 8% е цинк, 1% е олово, а има и кадмиум и други тешки метали.

Црниот рид со згура со тешки метали е една од десетте еколошки црни точки во Македонија.