Доделени првите сертификати за сомелиери во Македонија

69

Grupna slika_Somelieri

Во пријатна атмосфера и вински амбиент во винотеката на Воденица, вчера беа и официјално доделени сертификатите за ниво еден на првата генерација македонски сомелиери кои посетуваа теоретска настава и вежби за вински дегустации според програмата на AIS (Associazione Italiana Sommelier), а во организација на Здружението на сомелиери на Македонија.

Ова ќе бидат првите сомелиери во Македонија кои ќе треба да придонесат за развојот на винската култура, но и за соодветно претставување на виното пред потрошувачите.

“Материјата на оваа тема во основа ми беше позната зашто веќе неколку години работам во професионалното угостителство, но за време на обуката се сретнав со податоци и работи кои беа нови и едукативни и за мене. Најмногу ми се допадна тоа што се реализираа практични вежби со дегустациија на преку 30 различни стилови на вино. На тој начин и најмногу се учи за виното”, рече Александар Менков, еден од новите сомелиери.

“Видовме една одлична спакувана програма чиј концепт овозможува на наједноставен и најбрз можен начин да се претстави богатиот и комплексен свет на виното, но и да се развие интерес и страст за него. Кај мене дефинитивно целта е постигната”, изјави Жарко Алексов, уште еден од учесниците.

Здружението на сомелиери на Македонија во скора иднина ќе продолжи со организирање сомелиерски обуки за нови кандидати кои подоцна ќе им се придружат на оваа прва генерација македонски сомелиери.