Доделени првите Спа награди во Македонија

21

Македонија се закитеи со првите Спа награди, кои беа одржани во рамки на балканските Спа награди во организација на Иницијативниот комитет, со кој претседава д-р Жан Митрев и меѓународната организација Спа номинации, под покровителство на Министерството за економија.

Првата награда за најдобра спа дестинација беше доделена на проектот на општина Струмица за Бања Банско,од страна на мнистерот за економија Ваљон Сарачини.

“Република Македонија според некои проценки има 64 извори на геотермални и минерални води со различна температура и богат минерален состав од сулфур, фосфор, арсен, јод и друго, познати во регионот, но и пошироко. Наспроти тоа, има само осум бањски центри, и тоа, Банско, Кежовица, Негорци, Бања Кочани, Катланово, Кумановска бања и Дебарски бањи – Цапа, но радува фактот што и онаму каде нема класичен бањски извор, никнуваат спа и велнес центри, со понуда на холистички и интегративни програми за лечење и превенција. Ме радува што дел влегоа и во листата на номинирани во неколкуте категории на првите македонски спа награди”, изјави Сарачини.

Министерот потенцираше дека неопходни се нови домашни и странски инвестиции, со кои овој сегмент од туризмот ќе се развие на повисоко ниво.

“Затоа, како Влада, покрај инвестициските олеснувања и субвенциите во туризмот, кои придонесоа минатата година и годинава да достигнеме еден од најголемите порасти во туризмот за изминативе 10 години, работиме и на  промовирање на овој спа туризмот, но и олеснување на постапките за давање на концесија на минералните и геотермалните води и нивно користење  за овој вид на туризам. Наградите ќе бидат мотив повеќе за создавање нови велнес центри, кои ќе придонесат за регионален туристички развој и збогатување на понудата на постојните спа центри, со цел покрај третманите на домашните туристи да се привлечат и туристи од странство”, додаде министерот Сарачини.

Манифестацијата е со цел да се започне кампања за развој на Спа туризмот во Македонија и промоција на државава како значајна Спа дестинација на Балканот.

Интернационалната организација Спа Номинации поседува патентирана марка за организирање Спа награди за Балканот.