Потрошувачката на финалната енергија во текот на следната година ќе биде за 6% поголема во однос на 2020 година. Ова го предвидува предлог енергетскиот биланс за 2021 година. Во однос на потрошувачката на енергенти, најголемо учество имаат нафтените деривати со 51%, електрична енергија со 29,9%, а биомасата со 10,9%.
Приматот во сектор со најголема потрошувачка ќе остане сообраќајот. Неговата потрошувачка се предвидува да биде 37% од вкупната потрошувачка на финална енергија, а потоа следи секторот домаќинство (27%) и секторот индустрија (20%).
Предвидените потреби од енергија ќе бидат за 2% пониски во однос на 2020. Пораст ќе има кај природниот гас (14%) како резултат на најавите за зголемено производство од ТЕ-ТО, нафтените деривати ќе учествуваат со 36%, јаглените со 33%, биомасата ќе учествува со 6%, природниот гас со 11%, а хидроенергијата со 5%. Според предложеното во документот, нето увозот на електрична енергија ќе учествува со 5%, а производството на енергија ќе биде за 6% повисоко во однос на оваа година што се должи на зголемување на производството од хидроцентралите (15%) и Те-ТО (22%).
Потрошувачката на нафтени деривати ќе биде зголемена за 15%. Учеството на обновливите извори со повластени тарифи е предвидено на ниво од 6,5% а се опфатени малите хидроелектрани (50%), ветерните електрани (24%), електраните на биогас (14%) и соларните електрани (12%).
Предлог енергетскиот биланс е изработен во согласност со законот за енергетика и со Правилникот за енергетски биланси и енергетска статистика и претставува документ во кој се прикажуваат потребите од вкупни количества на енергија и од одделни видови енергија како и можностите за нивно обезбедување со производство од домашните капацитети и од увоз.
Фото: Freepik