Договор за градежни работи на пругата Куманово – Белјаковце

36

Денеска во Јавното претпријатие Македонски железници Инфраструктура ќе биде потишан договор за градежни работи за реконструкција на железничката делница Куманово – Белјаковце на Коридорот 8, во должина од 30 километри. Таа делница е прва од предвидените три за железничкото поврзување на Македонија со Бугарија.
Раководството на ЈП МЖ Инфраструктура ќе го потпише со претставници на изведувачот на градежните работи, германската компанија Wiebe GmbH&Co.Kg, во присуство на министрите за финансии и транспорт и врски, Зоран Ставрески и Миле Јанакиески. За реализација на проектот се обезбедени 45,5 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Реновирањето на железничката пруга ќе опфати поставување нови шини и прагови, изработка на осум моста, од кои најголемиот ќе биде со должина од 120 метри, изградба на три станици и три објекти за сместување на постројките за регулирање на сообраќајот.

Oстанатите железнички делници за изградба на пругата кон Бугарија, што треба да биде готова до 2022 година, се Бељаковце – Крива Паланка во должина од 36 километри и Крива Паланка – Деве Баир во должина од 23 километри.
За делницата Бељаковце – Крива Паланка се изготвува детална документација и според најавите, треба да почне во втората половина на 2015. За последната делница од Крива Паланка до бугарската граница документацијата треба да биде изработена до крајот на 2016 година.