
Договорот за жито што овозможува безбеден извоз на жита и ѓубрива во Црното Море, кој првпат беше потпишан на 22 јули минатата година и оттогаш неколкупати беше продолжен, истекува денеска, а продолжувањето на иницијативата е неизвесно бидејќи Русија бара да ги исполни условите за повторно поврзување на SWIFT.
Повторното поврзување на Руската земјоделска банка со SWIFT, што Европската унија го суспендираше во јуни 2022 година поради нападот врз Украина, е клучното барање на Москва за продолжување на договорот.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, минатата недела во писмо до рускиот претседател Владимир Путин предложи Москва да дозволи Црноморскиот договор за жито да продолжи неколку месеци, за да и даде време на ЕУ да поврзе филијала на Руската земјоделска банка со SWIFT.
Црноморската иницијатива, која беше потпишана од претставници на Русија, Турција, Украина и ОН на 22 јули 2022 година, вклучува извоз на украинско жито и храна, како и ѓубрива преку Црното Море од три пристаништа. Вториот дел од договорот што го потпишаа Русија и ОН предвидува деблокирање на извозот на храна и ѓубрива од Русија, а меѓу главните точки беше повторното поврзување на Руската земјоделска банка со SWIFT, обновувањето на испораката на земјоделска механизација и резервни делови. Москва посочува дека овој дел од договорот сè уште не е спроведен.











