Македонија уште еднаш е меѓу земјите што се најголеми реформатори за водење бизнис, позиционирајќи се на 30-тото место, стои во извештајот на Светска банка – Doing business 2015: Преку границите на ефикасноста.
Македонија, искачувајќи се едно место погоре во однос на минатата година, се приближи кон земјите што имаат најдобри практики за водење бизнис во светски рамки.
На скалата од 0 до 100, Македонија е оценета со 74,1%, што е за 1,4 процентни поени подобро во однос на минатата година. Меѓу реформите што СБ ги нотираше како олеснување за водење бизнис во земјава се однесуваат на воведувањето бесплатна on line регистрација на фирми и заштита на помалите инвеститори преку обезбедување претходен преглед на трансакции од надворешен ревизор. Покрај тоа, решавањето на несолвентноста сега е олеснето благодарение на воведувањето рамка за електронски аукции на имотот на должниците.
Во новиот извештај на Светска банка се наведува дека 85% од економиите во Европа и централна Азија спроведуваат најмалку една реформа чија цел е да се олеснат условите за водење бизнис, што е најголем процент за сметка на остатокот од светот.
Doing business има за цел да ги утврди и анализира регулативите што се однесуваат на бизнисите во текот на нивниот животен циклус, вклучувајќи започнување и оперативност на бизнисот, прекугранична трговија, плаќање на даноци и решавање на проблемите со долгорочната неликвидност.