Дојче банк пред тужба вредна половина милијарда евра

22

Една од најголемите хотелски групи во Шпанија ја тужи Дојче банк за отштета од 500 милиони евра за наводна злоупотреба на ризични девизни хартии од вредност, што според неа е причина за огромни загуби.

Тужбата, поднесена минатиот месец во Високиот суд во Лондон, е најновата ескалација во скандалот со наводите дека Дојче продава “егзотични“ финансиски производи на мали и средни компании во Шпанија, што некои од нив ги турка во финансиски проблеми, пишува Фајненшл тајмс.

Наводните жртви се компании кои припаѓаат на групацијата хотели Паладиум со седиште во Ибица. Тоа е седмиот најголем ланец на хотели во Шпанија, кој тврди дека Дојче ја искористил неговата “наивност“ за да продава финансиски деривати што не ги разбира.

Дојче банк за ФТ рече дека “енергично ќе се брани“ од овие обвинувања, за кои тие рекоа дека се неосновани. 

Паладиум – кој управува со 50 хотели во Европа и Америка, вели дека сложените деривати што ги купил од Дојче банк се рекламираат како сигурна заштита од флуктуации на девизите, како и промени на каматните стапки.