Словенечкиот министер за инфраструктура Само Омерзел наводно неодамна во Загреб се сретнал со претставници на Хрватски телеком (ХТ), но тврди дека тоа немало никаква врска со приватизацијата на Телеком Словенија. Но, тој потврди дека Дојче телеком и понатаму е заинтересиран за купување на словенечкиот оператор. Според пишувањето на словенечките медиуми, се нагаѓа дека Дојче телеком ќе се обиде да го купи Телеком Словенија преку ХТ.
Иако приватизацијата на Телеком Словенија се уште не е официјално започната, словенечките медиуми пишуваат дека министерот се сретнал со најзаинтересираниот купувач, но Омерзел вели дека тоа не е негова работа.
“Продажбата на Телеком Словенија не е моја одговорност, туку на словенечкиот Фонд за приватизација. Но, не е тајна дека Дојче телеком повторно е единствен сериозен купувач”, вели Омерзел.
Словенечки Дневник потсетува дека во 2008 година Маѓар телеком, кој е во сопственост на Дојче телеком, за акција на Телеком Словенија нудеше 340 евра, 60 евра помалку од двете најдобри понуди на исландски Скипти и англо-германскиот конзорциумот Bain Capital & Axos Capital & BT. Подоцна постапката во целост беше запрена. Овој пат Дојче телеком за преземање на словенечкиот оператор планира да конкурира преку ХТ, тврди весникот.
Цената на акциите на Телеком Словенија изнесува 110 евра, а се планира при продажбата на пакетот од 62,5% акции цената да биде од 120 до 160 евра за акција. Добиената сума ќе се искористи за пополнување на дупките во буџетот.