Дојран бара начини како ова лето да привлече повеќе гости

151

Директорот на Агенцијата за развој и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, ја посети општината Дојран каде реализира состанок на кој се разговарало за подготовките на општината за претстојната летна туристичка сезона, објави на својот Facebook профил дојранскиот градоначалник Анго Ангов.

На состанокот, вели Ангов, се разговарало за нови идеи и можности кои можат да се искористат во функција на туристичката сезона и за нови туристички атракции, на кои се работи во моментот, со цел да се зголеми бројот на домашни и странски гости во Дојран.

Покрај ова, било договорено Општина Дојран и Агенцијата за развој и подршка на туризмот, со помош на туристички експерти, во следниот период да изготват долгорочна стратегија за развој на туризмот во Дојран.

Градоначалникот Ангов изрази огромна благодарност и до Владата за покажаната грижа и доделените 70 милиони денари кои ќе бидат искористени за подобрување на квалитетот на водата и целокупниот еколошки систем на Дојранското езеро.

Фото: Facebook