Доколку трговците не ги намалат цените на основните производи, ќе ги ограничиме профитните маржи и цени, вели Дурмиши

Доколку трговците нe покажат поголема општествена одговорност и не ги намалат цените на основните производи кои не се во Новогодишната кошница ќе донесеме поригорозни мерки како ограничување на профитни маржи и цени, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Како што истакна на денешната прес – конференција, екипите на Државниот пазарен инспекторат се на терен и прават анализи како се движеле цените во изминатите три месеци.

Пред десет дена заедно со Стопанските комори со трговците, со дистрибутерите и производителите ја објавивме акцијата Новогодишна кошница.

“Акција која имаше за цел преку општествена одговорност кај компаниите за време на Новогодишните празници да ги намалиме трошоците за живот на граѓаните преку самоиницијативно намалување на цените на дел од производите кои се најпродавани во време на Новогодишните празници.

Она што на состаноците го договоривме и добивме уверување  од производителите и трговците и дистрибутерите е пред почетокот на акцијата да нема драстично зголемување на цените на овие производи кои ќе ги понудат и да не се зголемуваат драстрично цените на производите кои не се на листата на производи во Новогодишната кошница.

Акцијата Новогодишна кошница, како што можевме да видиме во првите денови стартуваше успешно, кај некои производи во кошницата намалувањето на цените беше и над 10%  и секојдневно се зголемуваше бројот на производи понудени од компаниите во Новогодишната кошнца.

Но, тоа не се случи и кај другите основни прехранбени производи чии цени се драстично зголемени“, рече Дурмиши.

За два до три дена ќе завршат анализите по што ќе де донесе одлука дали ќе се донесат поригорозни мерки. Дурмиши ги повика трговците да ги коригираат цените на најпотребните производи во овој период на празници