Доктор Пропаст: Нè чекаат четири сценарија, а најверојатното не е розово

61

Економистот Нуриел Рубини се прашува како ќе се развиваат глобалната економија и пазари следната година.Познат е и како “Д-р Пропаст“, бидејќи ја предвиде светската економска криза во 2008 година. Неговата проценка е дека постојат четири сценарија што можат да се случат. 

Првото сценарио “Златокоса“

Аналитичарите на Волстрит и повеќето политичари предвидуваат сценарио познато како “Златокоса“, кое предвидува силен раст со инфлација од 2 отсто. Во ова сценарио, неодамнешната стагфлација е последица на делта варијантата на корона вирусот. Кога делта варијантата на вирусот ќе исчезне, со него ќе исчезнат и проблемите во снабдувањето, а растот ќе се забрза додека инфлацијата се намалува.

Второ сценарио – прегревање

Второто сценарио вклучува прегревање. Во тоа сценарио, растот би бил забрзан и нема да има “чепови“ во снабдувањето, но инфлацијата упорно би останала на високо ниво бидејќи ќе испадне да биде трајна, а не привремена.

Со непотрошени заштеди и голема побарувачка, лабавата монетарна и фискална политика само дополнително ќе ја зголеми агрегатната побарувачка. Растот што ќе произлезе од тоа ќе биде придружен со постојана инфлација, побивајќи го убедувањето на централните банки дека растот на цените е привремен. Реакцијата на пазарот на “прегревање“ ќе зависи од тоа како реагираат централните банки.

Третото сценарио-  стагфлација

Третото сценарио е моменталната стагфлација, со висока инфлација и многу помал и побавен раст на среден рок. Во овој случај, инфлацијата ќе продолжи да се поттикнува со лабава монетарна, кредитна и фискална политика. Централните банки, фатени во стапицата на долговите, ќе се мачат да ја нормализираат инфлацијата без да предизвикаат крах на финансискиот пазар.

Покрај тоа, среднорочните шокови во снабдувањето дополнително ќе го забават растот и ќе ги зголемат производствените цени, со што ќе се зголемат инфлаторните притисоци. Таквите шокови можат да бидат предизвикани од деглобализацијата, пораст на протекционизмот, балканизација на глобалните синџири на снабдување, растечката просечна возраст во развиените земји, кинеско-американската поделба, ефектите од климатските промени, пандемијата, сајбер-војните и реакциите на растечката нееднаквост.

Четвртото сценарио – забавување

Четвртото сценарио претпоставува забавување на растот. Послабата агрегатна побарувачка ќе испадне дека не е минлива работа, туку мрачна нова нормалност, особено ако пакетите помош се повлечат прерано. Во тој случај, помалата побарувачка и побавниот раст би резултирале со пониска инфлација, вредноста на акциите би одразувала помали шанси за раст, а приносите на обврзниците би паднале уште подлабоко.

Кое од сценаријата е најизвесно?

Додека аналитичарите и владите го туркаат сценариото Златокоса, според Рубини ќе излезе дека станува збор за “прегревање“. Ако го земеме предвид сегашниот контекст, лабава монетарна, фискална и кредитна политика, постепеното исчезнување на делта варијантата на вирусот и проблемите во синџирите на снабдување би го прегреале растот и централните банки би биле оставени во сендвич помеѓу стапицата на долгот и трајната висока инфлација.
На среден рок, бидејќи понудата на стоки ќе се судира со негативни шокови, може да завршиме во многу полошо сценарио. Тоа е целосна стагфлација со многу пониска стапка на раст и висока стапка на инфлација.