Доларот благо слабее, инвеститорите претпазливи

На девизните пазари минатата недела се тргуваше претпазливо бидејќи растеше ризикот од ескалација на тарифната војна меѓу САД и другите големи светски економии, па курсевите на валутите не варираат значително.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американскиот долар во однос на шесте главни светски валути, падна за 0,1 отсто минатата недела, на 104,01 поен.

Курсот на еврото се зголеми за 0,1 отсто, на 1,0827 долари.

Сепак, американската валута зајакна во однос на јапонската, за 0,4 отсто, па цената на доларот достигна 149,80 јени.

Курсовите на главните светски валути не флуктуираа значително минатата недела бидејќи инвеститорите се внимателни во врска со ризикот од ескалација на трговската војна.

На почетокот на неделата, американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување царини од 25 отсто за увоз на сите автомобили што не се произведени во САД на почетокот на април.

Ова предизвика остар пад на цените на акциите на берзите, предизвикувајќи инвеститорите да бараат засолниште за својот капитал, вклучително и во валути кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња.

Инвеститорите се нервозни и затоа што следната недела Трамп ќе претстави план за воведување реципрочни царини за увоз од сите земји кои наплаќаат царини за увоз на американски производи.

Бидејќи многу земји најавија контрамерки, инвеститорите стравуваат од ескалација на тарифната војна. И големото прашање е кој ќе остане „со кратки ракави“ во таа војна.

“Слушам еден збор од сите на пазарите – неизвесност. Можете да го слушнете и од централните банкари. Она што го знаеме е дека Вашингтон ќе воведе реципрочни царини на 2 април. Но, не знаеме точно што значи тоа”, вели Марк Чендлер, стратег во Bannockburn Global Forex.