
На Волстрит, индексот S&P 500 благо порасна во понеделникот, но падна за целиот прв квартал со најголема стапка од 2022 година, што е последица на стравувањата на инвеститорите од ескалација на тарифната војна.
Индексот Dow Jones зајакна за 1 отсто, на 42.001 поен, а S&P 500 зајакна 0,55 отсто, на 5.611 поени. Индексот Nasdaq ослабе, пак, за 0,14 отсто, на 17.299 поени. Цените на акциите вчера остро паднаа на азиската и европската берза бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп најави дека реципрочните царини што ќе ги објави оваа недела ќе ги опфатат сите земји.
Бидејќи многу земји, вклучително и Кина, Канада и Европската унија, најавија контрамерки, инвеститорите стравуваат од ескалација на тарифната војна, што може да предизвика пораст на инфлацијата и негативно да влијае на меѓународната трговија и глобалниот економски раст.
Затоа, на пример, лондонскиот FTSE индекс вчера загуби 0,88 отсто, на 8.582 поени, додека франкфуртски DAX падна за 1,33 отсто, на 22.163 поени, а париски CAC за 1,58 отсто, на 7.790 поени.
На Волстрит, пак, Dow Jones и S&P 500 индексот благо пораснаа, по неизвесното тргување. Сепак, во текот на март, Dow Jones падна за 4,2 отсто, S&P 500 5,8 отсто, а Nasdaq индексот 8,2 отсто. Поради ова, индексите забележаа големи загуби во првиот квартал.
S&P 500 потона за 4,6 отсто, а Nasdaq 10,4 отсто, што е нивна најголема квартална загуба од 2022 година. Dow Jones исто така падна, но само за 1,3 отсто.











