Доларот на највисоко ниво во последниве девет месеци

159

Вредноста на доларот денес порасна на највисокото ниво во последните девет месеци во однос на кошницата од главните глобални валути, поттикнати од очекувањата на трговците дека Федералните резерви (ФЕД) ќе започнат со намалување на стимулативната програма уште оваа година.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на кошницата од шест ривалски национални валути, прво се искачи на 93,502 поени, највисоко ниво од 5 ноември, по што зајакна за уште 0,26 проценти, на 93,464 поени, пренесе Ројтерс.

Еврото “падна“ на 1,16655 долари за прв пат од 4 ноември, додека австралискиот долар “потона“ на 0,7198 долари, ниво што не е забележано од истиот споредлив период. Во однос на јапонскиот јен, доларот зајакна на 110.225 јени.

Записникот од јулскиот состанок на Федералниот комитет за операции на отворен пазар (ФОМК), објавен синоќа, открива дека претставниците на ФЕД го виделе потенцијалот да ја олеснат програмата за купување обврзници оваа година, ако економијата продолжи да расте како што се очекуваше, иако условот за “значителен понатамошен напредок“ кон максимално вработување сè уште не е исполнет.

Намалувањето на купувањето на должнички хартии од вредност обично има позитивно влијание врз доларот, бидејќи тоа значи дека веќе нема да има толку многу “поплави“ од таканаречени евтини пари печатени од Федералните резерви на САД во финансискиот систем.

Фокусот на аналитичарите на политиката на ФЕД сега е на годишниот банкарски симпозиум во Џексон Хол, Вајоминг, што ќе се одржи од 26-28 август.

Британската фунта падна во однос на доларот на најниско ниво во последните четири недели од 1,3712 долари, а канадската валута, исто така, запиша пад на најниско ниво воизминативе четири недели од 1,2699 канадски долари за еден американски долар.

Кинескиот јуан се тргуваше во однос на доларот во континентална Кина со најниска стапка во последните три недели – 6,4996 јуани за долар.

Фото: Pixabay