Доларот падна на најниско ниво во последните два месеци

На девизните пазари, индексот на доларот се движеше околу најниското ниво во последните осум недели во однос на кошницата од најважните светски валути во петокот, пред клучниот извештај за вработување во САД, кој треба да обезбеди насоки за инвеститорите во врска со намалувањето на каматните стапки на ФЕД во септември.

Индексот на доларот, кој ги следи перформансите на американската валута во однос на шесте најважни светски валути, утринава се помести на 104,13 поени, блиску до овонеделното најниско ниво од 103,99 поени, кое првпат го допре на 9 април.

Од почетокот на неделата е на пат да падне за половина процент, под влијание на овонеделните слаби американски показатели, кои ги зголемија очекувањата дека ФЕД сепак ќе ги намали двапати каматните стапки годинава.

Курсот на еврото порасна за 0,2 отсто во однос на вчерашното затворање и утрово се тргува за 1,0889 долари, откако Европската централна банка ги намали каматните стапки.

Американската валута, пак, благо зајакна во однос на јенот, на 155,85 јени и е на пат кон неделен пад во однос на јапонската валута за речиси еден процент.