
На пазарите на валути се тргуваше претпазливо минатата недела, бидејќи растеше ризикот од ескалација на тарифната војна меѓу САД и најголемите светски економии, па валутните стапки не флуктуираа значително.
Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американскиот долар во однос на шесте главни валути, падна за 0,1 отсто минатата недела на 104,01 поен.
Истовремено, курсот на еврото порасна за 0,1 отсто, на 1,0827 долари.
Сепак, американската валута зајакна во однос на јапонскиот јен, за 0,4 отсто, па цената на доларот достигна 149,80 јени.
На почетокот на неделата, американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување царини од 25 отсто за увоз на сите автомобили што не се произведени во САД на почетокот на април.
Ова предизвика остар пад на цените на акциите на берзите, предизвикувајќи инвеститорите да бараат засолниште за својот капитал, меѓу другото, во валути кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња.
Инвеститорите се нервозни и поради фактот што неделава Трамп ќе го претстави планот за воведување реципрочни царини на увозот од сите земји кои воведуваат царини за увоз на американски производи.
Бидејќи многу земји најавија контрамерки, инвеститорите стравуваат од ескалација на тарифната војна. А големо прашање е кој ќе остане со „кратки ракави“ во таа војна.
“Слушам еден збор од сите на пазарите – неизвесност. Ова можете да го слушнете и од централните банкари. Она што го знаеме е дека Вашингтон ќе воведе реципрочни царини на 2 април. Но, не знаеме точно што значи тоа”, рече Марк Чендлер, стратег во Bannockburn Global Forex.