Доларот стабилен, нафтата Брент се тргува по цена од 94 долари

39

На девизниот пазар вредноста на доларот во однос на кошницата валути стабилно се движи блиску до највисокото ниво во последните 20 години.

Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 109,70 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 109,75 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 144,55 на 143,05 јени.

Сепак, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 0,9970 долари, додека вчера во ова време беше 0,9980 долари.

Цените на нафтата

Цената на барелот на лондонскиот пазар изнесува 94,17 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот е 88,65 долари.

Цените на акциите пораснаа на азиските берзи, по големиот пад претходниот ден, но инвеститорите се претпазливи од шпекулациите дека американската централна банка наскоро би можела да ги зголеми каматните стапки за цел процентен поен поради високата инфлација.

Индексот на азиско-пацифичките акции на MSCI, без Јапонија, порасна за 0,4 отсто околу 7:00 часот, откако вчера потона за повеќе од 2 отсто.